Чин Ганг: Тајванското прашање е првата црвена линија која не може да се премине
Кина ќе продолжи да прикажува најголема искреност и да вложува максимални напори за постигнување мирно обединување со Тајван, но ќе ја резервира опцијата да ги преземе сите неопходни мерки, потребни за остварување на целта“, изјави министерот Чин Ганг...

„Решавањето на тајванското прашање е прашање на кинескиот народ, ниту една друга земја не треба да се меша“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг, како одговор на прашањата поврзани со кинеската надворешна политика и дипломатските односи на земјата на денешната прес-конференција за медиуми за време на првата сесија на 14-тиот Национален Народен Конгрес.
„Тајванското прашање е првата црвена линија на кинеско-американските односи што не може да се премине. САД треба да престанат да ја задржуваат Кина на било каква акција, преку искористување на прашањето за Тајван. Кина ќе продолжи да прикажува најголема искреност и да вложува максимални напори за постигнување мирно обединување со Тајван, но ќе ја резервира опцијата да ги преземе сите неопходни мерки, потребни за остварување на целта“, потенцираше министерот Чин Ганг, прикажувајќи го пред медиумите кинескиот Устав, акцентирајќи го делот во кој јасно стои дека Тајван е нераскинлив дел од Народна Република Кина.
На одржаната прес – конференција во Интернационалниот Медиа Центар во Пекинг, Министерот Чин Ганг, пред околу петстотини новинари од целиот свет го повтори познатиот став на Народна Република Кина кон украинската криза и кинеско – руските односи:
„Украинската криза е трагедија што можеше да се избегне. Кина избира мир и дијалог наместо војна и санкции. Кина понуди 12 предлози за решавање на украинската криза и не обезбеди никакво оружје за ниту една страна од конфликтот во Украина. Мировните преговори треба да започнат што е можно поскоро“, изјави Ганг.
Министерот потенцираше дека односите меѓу Кина и Русија се стабилни и дека и во иднина билатералните односи ќе се засноваат на несојузирање и неконфронтација и нема да бидат насочени кон ниту една трета страна.
„Колку светот станува понестабилен, толку е поголем императивот Кина и Русија стабилно да ги унапредуваат своите односи“, заклучи Ганг.
„САД го прекршија меѓународното право, прекумерно реагираа и употребија сила во инцидентот со беспилотното воздушно летало. Перцепцијата и ставовите на САД кон Кина се сериозно искривени. Тие ја сметаат Кина за свој примарен ривал и најзначаен геополитички предизвик. Ова е како првото копче на кошулата да се закопча погрешно, а резултатот е дека политиката на САД кон Кина целосно отстапи од рационалноста“, изјави министерот Чин Ганг.
Кина цврсто стои против каква било форма на хегемонизам и политика на моќ, против менталитетот на Студената војна и конфронтација заснована на табори.
„Ако САД не згазнат на сопирачката, и продолжат да забрзуваат по погрешниот пат, нема да можат никакви заштитни огради да го спречат излегување од шините и сигурно ќе има конфликти и конфронтации. Кој ќе ги сноси катастрофалните последици? Таквото натпреварување е непромислено коцкање со влоговите кои се основен интерес на двата народа, како и иднината на човештвото. Секако, Кина цврсто се противи на ова“, поентираше министерот Ганг, на денешната прес-конференција за медиуми во Пекинг.
Диме Ратајкоски известува од Пекинг
