Реакции

Политички реакции за двојното убиство во Старата скопска чаршија

07.03.2023 15:10

Политички реакции за двојното убиство. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали двојното убиство во Старата скопска чаршија има политичка позадина. Службите да бидат внимателни, безбедносната состојба не е стабилна, вели Павле Трајанов од Демократски сојуз. Да им веруваме на институциите и да ги оставиме докрај да ја завршат работата – порачаа од СДСМ...

Дали двојното убиство во старата скопска чаршија има политичка позадина – одговор од институциите побараа од ВМРО – ДПМНЕ. Велат, додека Оливер Спасовски осум години е прв човек на полицијата се случија стотина нерасветлени убиства, и го повикаа да си даде оставка.

„Се вратија деведесеттите. Со Ковачевски како премиер, Груби како вицепремиер и Спасовски прв човек на полицијата се случуваат убиства низ градовите. Се делат пасоши на криминалци, наркотрафикантите седат до првите лица на Владата. Нема леб, има скапи горива, инфлација и многу убиства“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Службите треба да бидат внимателни – предупредува претседателот на Демократскиот сојуз. Трајанов се надева дека инцидентот набрзо ќе биде расветлен.

„Се надевам дека службите набрзо ќе ги расчистат и дека тука ќе се вклучат сите служби, а не само тие што се експерти за крвни деликти, бидејќи се работи за последица на организиран криминал“, изјави Павле Трајанов.

Да им веруваме на институциите и да ги оставиме докрај да ја завршат работата – порачаа од СДСМ. Претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Миле Талевски е задоволен од работата на министерот Оливер Спасовски.

„Имаме првично соопштение од страна на Министерството за внатрешни работи дека се преземени сите оперативно-технички активности и мерки коишто се во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Очекувам министерството во најбрз временски период да ни даде точна информација за се она коешто се случувало и дека во најбрз временски период ќе биде расчистен случајот којшто се случи вчера“, изјави Миле Талевски.

Талевски вели, аналитиката покажува дека во последните два месеци за 35 насто се намалени кривичните дела.

 

Андријана Ѓурческа