Извозот на вино расте, Македонија препознатлива како винска дестинација
Лани беа извезени 885 илјади хектолитри вино, а домашните винарии инкасираа рекордни 50 милиони евра...

Имате идеални климатски и почвени услови за одгледување високо квалитетно грозје, слични на долината на Рона во Франција и затоа Македонија, мора да биде препознатлива како винска дестинација, сметаат бројни странски енолози.
Лани беа извезени 885 илјади хектолитри вино, а домашните винарии инкасираа рекордни 50 милиони евра. Поединечно не можеме да направиме, колку што можеме сите заедно, без оглед на моќта на поединечните винарии и затоа работиме сите заедно на промовирање на земјата како производител на квалитетно вино, почитувајќи одредени стандарди и етика во производството на вино, велат од Здружението „Вина од Македонија“.
„Да се зголемува учеството на премиум вина во извозот и тоа да се промовира во светот“, смета Ѓорѓи Петрушев, претседател на здружението „Вина од Македонија“.
Отворени се нови пазари за македонското вино, скандинавските земји, Кина, Русија, но фокусот е на најпробирливиот, на Американскиот пазар.
Се постигнуваат највисоки цени, а него го следат сите други земји. Охрабрува и зголемувањето на домашната потрошувачка на квалитетни вина.
„Винскиот пазар во последниве две години бележи пораст во консумацијата од 15%, а тоа се должи на промените кај сите играчи на винскиот пазар во Македонија“, вели Светозар Јаневски, претседател на управниот одбор на винарницата „Тиквеш“.
Се менува и односот на винариите, се фаворизира воведувањето скапи технологии кои овозможуваат производство на квалитетно брендирано вино со дефинирано потекло. Постојано, иако бавно, расте учеството во извозот на флашираното вино, а опаѓа експортот на наливно.
Според Игор Илиевски, директор на „Тиквеш“, оваа винарска визба учествува со една третина во вкупниот извоз на флаширано вино од земјава.
Државата стимулира воведување на нови технологии, производството се субвенционира со 2 денара за килограм предадено грозје, се поддржуваат саемските настапи на винариите, а се овозможува користење на ИПАРД средствата за инвестиции за обновување на постојните лозови насади и за маркетинг.
Свето Николовски
