Пристигнаа првите австриски туристи во Охрид

06.05.2014 16:51

На охридскиот аеродром слета првиот од четирите чартер- авиони со австриски и германски туристи. Оваа група е заинтересирана главно за македонските културно-историски знаменитости, што е одлична понуда и за идните гости од држави кои допрва треба да се освојуваат. Први ќе бидат туристите од Анталија...

По холанѓаните кои на 2 мај ја отворија туристичката сезона, денеска на охридскиот аеродром со чартер лет од Виена пристигна и првата група австриски и германски туристи. Во претсезоната преку австриската туристичка агенција „Мак-Сан Травел“ ќе се реализираат уште три чартер летови, по што преку оваа агенција со редовни линии на „Аустријан Ерлајнс“ ќе доаѓаат гости од Австрија, Германија, Данска, Шведска, Норвешка и Кина, кои се очекува да остварат помеѓу 10 и 15.000 ноќевања. Годинава новина е и воспоставувањето на чартер лет од Турција, а туристите на охридско- струшкото крајбрежје ќе остануваат најмалку седум дена.

„Туроператорот  Фибула Ер Травел планира од јуни до крајот на септември да воспостави чартер летови, секој вторник од Анталија до Охрид“, вели Асим Меѓедовиќ, директор на „Фибула Ер Травел“.

Од ХОТАМ сметаат дека што поскоро треба да се привлечат туристи и од други земји бидеќи за година-две може да се очекува холанѓаните, кои сега се најбројни да се презаситат од Македонија.

„Знаеме дека по сите норми во туризмот една дестинација беспрекорно работи 5 до 7 години. Нас ни е ова четврто ефективно лето, што значи дека го трошиме она што е по правилата и пропозициите“, објаснува Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Како што велат од ХОТАМ, цените во македонските туристички центри не се високи, особено кога се работи за апартманското сместување и дека не држат тезите на туристичките агенции дека Грција е поевтина, бидеќи на македонскиот пазар се нуди сместување со цени пониски за 10 до 20 проценти.

 

Сашо Нелоски