Руско - украински конфликт

Пригожин: Го освоивме источен Бахмут

08.03.2023 09:43

Руската паравоена група „Вагнер“ тврди дека го зазеле источниот дел од стратешки важниот град бахмут. Украина вели, не се откажува од градот, ги интензивира борбите...

Шефот на „Вагнер“, Пригожин, тврди – го освоивме источен Бахмут. Пред два дена, пак, тој предупреди дека неговата паравојска ќе се повлече ако Москва не им ја испорача ветената муниција. Според украинскиот претседател Зеленски, доколку падне овој град, тоа би значело и отворен пат за руските трупи да заземат и други градови.

„Единиците на Вагнер ја презедоа контролата над источниот дел на Бахмут. Сè што е источно од реката е под целосна контрола на Вагнер“, изјави Јевгениј Пригожин, шеф на руската група Вагнер.

Генералниот секретар на ОН Гутереш во посета на главниот град. Киев ги отфрли обвинувањата за ланските напади врз гасоводите Северен тек, кои според американските разузнавачи ги вршеле проруски групи. Советникот на Зеленски, Подољак, негира каква било поврзаност, а портпаролот на Кремљ, Песков, ги опиша американските наводи како координирани напори за пренасочување на вниманието.

Испораките на рускиот гас кон Германија беа запрени уште пред експлозиите на 26 септември, откако Русија го затвори „Северен тек 1“ во август. А „Северен тек 2“ никогаш не профункционира. Точната причина за експлозиите не е утврдена, но се верува дека станува збор за организиран напад. Инцидентот го истражуваат Германија, Данска и Шведска. НАТО бара дополнителна помош за Киев. Поради војната во Украина, Велика Британија следната година ќе го зголеми буџетот за национална одбрана.