Се интензивираат борбите во Бахмут
Жестока битка за стратешки важниот Бахмут. Руската паравоената формација „Вагнер“ тврди дека го контролира истокот на градот. Киев не се откажува, ги интензивира борбите. Во Шведска, министрите за одбрана на ЕУ решаваат за поддршката за Украина, финансирањето и обуката на вооружените сили. Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш во посета на Киев...

Руската паравоена група „Вагнер“ се фали со триумф во источен Бахмут. Според украинскиот претседател Зеленски, падот на градот би значел отворање на патот за руските трупи кон другите градови.
„Министерот Шојгу ви кажа дека ако го заземеме Бахмут, ќе имаме оперативен простор. Досега, светот не се соочил со руската армија, доброобучените единици кои сè уште не влегле во битка, имајќи ги сите можно модерни оружја и опрема за разузнавање. Совршено подготвени, го чекаат своето време – времето по отворањето на оперативниот простор на Вагнер по Бахмут. Но тоа е друга приказна. Тогаш ќе се тресе целиот свет“, изјави Јевгениј Пригожин, шеф на руската група „Вагнер“.
Војната меѓу Украина и Русија сè повеќе го зголемува и антагонизмот меѓу Истокот и Западот. Генералниот секретар на ОН Гутереш во посета на Киев. НАТО бара дополнителна помош за Украина. Велика Британија следната година ќе го зголеми буџетот за национална одбрана. Во Шведска, министрите за одбрана на ЕУ решаваат за поддршката за Украина, финансирањето и обуката на вооружените сили. Вниманието на медиумите повторно се врати на ланските напади врз гасоводот „Северен тек“ по извештајот на „Њујорк тајмс“. Киев ги отфрли обвинувањата американските разузнавачи дека зад нив стоеле проукраински групи.
„Чудна ми е приказнава бидејќи истата нема никаква врска со нас. Истрагата ќе го опише секој детаљ. Ова е комплимент за нашите специјални единици, но активноста не е наша“, изјави Олексеј Резников, министер за одбрана на Украина.
Испораките на рускиот гас кон Германија беа запрени уште пред експлозиите во септември, откако Русија го затвори „Северен тек 1“, а „Северен тек 2“ воопшто не профункционира. Точната причина за експлозиите не е утврдена, но се верува дека станува збор за организиран напад. Инцидентот го истражуваат Германија, Данска и Шведска.
Маја С. Филдишев
