Грција

Револтот во Грција по железничката несреќа не запира, синдикатите на штрајк

08.03.2023 12:50

Синдикати во Грција на штрајк по смртоносната железничка несреќа, ги запреа транспортните услуги, повторно најавуваат и масовни протести. Премиерот Мицотакис, кој се соочува со избори пред летото, вети целосна соработка со судската истрага за смртоносната несреќа...

Работничките синдикати кои штрајкуваат ги запреа транспортните услуги во знак на протест поради смртта на 57 луѓе во најголемата железничка катастрофа во Грција, која ги откри големите безбедносни недостатоци. Штрајковите го прекинаа јавниот транспорт во Атина, каде што се очекуваше илјадници да присуствуваат на протестите против владата организирани од Синдикатот.

„Се надевам дека од она што ќе се случи (протести подоцна во текот на денот), конечно ќе има некаков заклучок за прв пат. Затоа што добро знаете дека во Грција имало и други несреќи: во Темпи, или во Мати или во Мандра. Имало многу. Никогаш немаше заклучок за да видиме дека има резултат, дека правдата е задоволена или дека некој е казнет“.

„За нас овој ден е ден на жалост за целата држава. Очигледни се проблемите што постојат во транспортот и многу работи во Грција. Бидејќи некои луѓе земаат пари, не го прават она што треба да го прават и парите се губат“.

Премиерот Мицотакис, кој се соочува со избори пред летото, вети целосна соработка со судската истрага за смртоносната несреќа. Но, откритијата за сериозни безбедносни празнини на најпрометната железничка линија во Грција ја фрлија неговата централнодесничарска влада во дефанзива.

Патничкиот воз удри во товарен, кој доаѓаше погрешно поставен на истата пруга, оставајќи десетици патници, меѓу кои и многу студенти, заробени во запалени вагони.

Несреќата предизвика јавно незадоволство поради катастрофалната состојба на грчката железничка мрежа, за која работниците што штрајкуваат велат дека причина е долгогодишното запоставување, недоволно инвестирање и недоволниот број на персонал.

Катастрофата предизвика протести низ Грција, при што повеќе од 10.000 луѓе се собраа во неделата во Атина, пуштајќи стотици црни балони на небото.

Марина Ристова