Агелер: Зајакнување на правосудството во земјава на сите нивоа е главен приоритет
Зајакнување на правосудството на сите нивоа е главен приоритет, порача американската амбасадорка Агелер. Агелер го посети истражниот центар во скопското Основно јавно обвинителство, каде донираше компјутерска и техничка опрема. Шефот на обвинителството Бубевски ја уверил амбасадорката дека, опремата ќе помогне во прибирањето доказен материјал...

Корупцијата во земјата е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци – предупреди американската амбасадорка Агелер. Децидна е – потребно е зајакнување на правосудството на сите нивоа и тоа мора биде главен приоритет. Агелер го посети истражниот центар во скопското Основно јавно обвинителство, каде што донираше компјутерска и техничка опрема.
„Тука сум од ноември, а корупцијата во земјава е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци. Веќе постојат системи што бараат проверка. Денешната посета е добра за да видам како се водат истрагите. Потребно е време, тоа не е нешто што еден компјутерски систем ќе го реши, но е приоритет. Моја цел како амбасадор во земјава е да се осигурам дека ќе направам сè што можам, заедно со мојот тим, да се зајакне вербата на граѓаните на Северна Македонија во правосудството“, изјави Анџела Агелер, амбасадор на САД во земјава.
Шефот на обвинителството Бубевски ја уверил амбасадорката дека опремата ќе помогне во прибирањето доказен материјал.
„Се работи за сериозна донација што ќе ни помогне во секојдневната работа и од технички и од суштински аспект, затоа што ќе можеме побрзо да работиме на одредени докази и прибирање доказен материјал“, изјави Гаврил Бубевски, претседател на Основното јавно обвинителство – Скопје.
Агелер предупреди дека е клучно граѓаните да имаат доверба во системот.
Наташа Гркова Петрушевска
