Меџити најавува решение на старите проблеми во ресорот
Решавање на сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар, ажурирање на позитивната листа на лекови, подобри услуги за пациентите и повисоки плати за здравствените работници – новиот министер за здравство Фатмир Меџити ги претстави приоритетите. Вети реализација на проектот за нов Клинички центар. По средбата со синдикатите, Меџити рече дека мора да се најде решение за нивните барања...

Новиот министер за здравство, неврологот Фатмир Меџити, како и неговите претходници, најавува решение за старите проблеми во ресорот. Вели план и стратегија имал, ќе започнел од сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар. Приоритет ќе биде и ажурирање на позитивната листа на лекови, која не е обновена повеќе од една деценија, како и нов Ургентен интернистички тријажен центар. И за Меџити приоритет е изградбата на нов Клинички центар, иако сè уште не се вратени парите за раскинување на договорот со италијанската фирма која требаше да го гради клинички.
„Треба убаво да размислиме и да го продолжиме проектот за нов Клинички центар и да направиме регионализација на болниците во државата. Имаме детален проект како ќе се одвиваат работите понатаму“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Меџити вели мора да се најде решение за зголемување на платите на здравствените работници. Тие најавија протест доколку не го добијат бараното зголемување со мартовската плата.
„Нема да не може, мора да најдеме решение, мора. Тука ја иамаме поддршката директно од премиерот за да почнат работите во здравството да одат напред. Мора да функционира здравството, немаме друг излез, тоа е за доброто на сите“, истакна министерот Меџити.
Новиот министер за здравство на брифингот со новинарите потврди дека шест клиники ќе имаат нови директори. Од ВМРО – ДПМНЕ за овој потег велат дека на оваа Влада не и се важни пациентите.
„Толку директори на клиники не се сменети ниту заради несреќи, ниту заради починати пациенти, ниту заради немање на медицински материјали, тендери, скандали, криминално коруптивни ужаси, ниту заради лоши услови или незадоволни медицински членови на персоналот! За Ковачевски, почитувани, не се важни пациентите туку спасот на Артан Груби“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Освен што ги претстави приоритетите во неговиот мандат, министерот за здравство, не откри кога ќе започне со нивната реализација.
Андријана Ѓурческа
