Македонија

Бубевски: Итензивно се работи на откривање на сторителите на двојното убиство

08.03.2023 15:19

Сторителите на двократното убиство сè уште ѝ се непознати на истрагата, вели шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски. Тој потврдува дека дежурниот обвинител издал повеќе наредби за собирање докази од самото место. Извршени се повеќе разговори со очевидци...

Сторителите на двократното убиство што се случи во кафуле во старата скопска чаршија сè уште ѝ се непознати на истрагата, но интензивно се работи на нивно откривање, вели шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски. Тој потврдува дека дежурниот обвинител издал повеќе наредби за собирање докази од самото место, но посочи дека тежиштето при расветлување на вака сложени случаи паѓа врз полицијата.

Во убиството две лица беа усмртени на самото место додека еден гостин од локалот беше полесно повреден. За да добие случајот што поскоро разврска, обвинителството нареди да се прегледаат снимките од видеонадзорот на кафулето и околните објекти како и оние обезбедени од системот „безбеден град“. Извршени се повеќе разговори со очевидци.

Во врска со нерасчистените убиства низ годиниве, за кои дел се претпоставува дека се мафијашки пресметки, Бубевски вели дека тие предмети не се затворени.

Но, Бубевски додаде дека сторителите секогаш прават грешки кои на крајот испливуваат на површина.

 

Анита Димитријевска Велковска