Македонија

Агелер: Во следните месеци ќе видиме „едно или две имиња“ на црната листа на САД

08.03.2023 15:22

Корупцијата во Македонија постои и не е тоа проблем што може да се реши за неколку месеци, неопходно е зајакнување на правосудството за граѓаните да се уверат дека системот функционира – оваа порака ја испрати американската амбасадорка, Анџела Агелер. За црната листа на САД за санкции, таа рече дека има луѓе што вреди да се разгледаат, но е потребно време да се истражат наводните криминали...

Корупцијата во земјата е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци – предупреди американската амбасадорка Агелер. Децидна е – потребно е зајакнување на правосудството на сите нивоа и тоа мора биде главен приоритет. Агелер го посети истражниот центар во скопското Основно јавно обвинителство, каде што донираше компјутерска и техничка опрема.

„Тука сум од ноември, а корупцијата во земјава е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци. Веќе постојат системи што бараат проверка. Денешната посета е добра за да видам како се водат истрагите. Потребно е време, тоа не е нешто што еден компјутерски систем ќе го реши, но е приоритет. Моја цел како амбасадор во земјава е да се осигурам дека ќе направам сè што можам, заедно со мојот тим, да се зајакне вербата на граѓаните на Северна Македонија во правосудството“, изјави Анџела Агелер, амбасадор на САД во земјава.

За очекуваната црна листа на САД со санкциите за корумпираните во земјава, Агелер со одговор – има лица што вреди да се разгледаат. Посочи дека треба време и за истражување на наводните криминали. Таа најави дека во наредните месеци ќе видиме едно име или две, но процесот нема да застане.

„Тие листи што се креираат во Вашингтон се многу динамични и не очекувајте дека еден ден ќе чукнеме на врата и ќе кажеме – еве ја листата, завршивме. Тоа е постојан процес, зашто корупцијата во многу форми се случува секој ден. Има лица кои вредат да бидат разгледани бидејќи системот во Вашингтон е законски внимателен, му треба време и истражување на наводните криминали за да се осигураме дека на листа нема да ставиме некој што таму не припаѓа“, изјави Анџела Агелер, амбасадор на САД во земјава.

Не постои само една, има повеќе видови листи за санкции, појасни амбасадорката. Според очекувањата и најавите можно е да се најдат и актуелни функционери.

 

 

 

Наташа Гркова Петрушевска