Панел дискусија „Дигиталното образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека развојот на информациските и комуникациските технологии ја зголемува потребата од нови вештини и знаења и покрај високото образование, дигиталната и интернет писменоста денес е значајна алатка за економско зајакнување на жените.

На иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, денеска во Кабинетот на претседателот се одржа панел дискусија на тема: „Дигиталното образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“. Настанот се организира во соработка со Женската граѓанска иницијатива – ЖГИ АНТИКО по повод 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената.
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека развојот на информациските и комуникациските технологии ја зголемува потребата од нови вештини и знаења и покрај високото образование, дигиталната и интернет писменоста денес е значајна алатка за економско зајакнување на жените. Преку обезбедување на дигитални вештини, на жените им се овозможува и можност за сопствен бизнис, за финансиска независност, за остварувања на своите права, нагласи Ѓоргиевска.
Настанот се одвиваше во две панел дискусии на коишто учествуваа шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, шефицата на канцеларијата на ОН Жени во Северна Македонија, Весна Ивановиќ – Кастаред, генералната директорка и сопственичка на Семос едукација, Валентина Тасева, извршната директорка и ко-основачка на ИТ компанијата Дигикјуб (Digicube), Влора Адеми, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, диригентката во Македонска опера и балет, Бисера Чадловска, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка од Преспанскиот регион и Искра Гешоска, советничка за прашања од областа на културата на претседателот на Република Северна Македонија.
Годинава, Обединетите Нации Меѓународниот ден на жената го одбележуваат под тема „DigitALL: Иновации и технологија за родова еднаквост“.
