Инфраструктура

Потпишан договор за изградба на нови автопатишта

08.03.2023 16:35

Потпишан е договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10д. Станува збор за четири делници, со вкупна должина од 110 километри. Инвестицијата од 1,3 милијарди евра треба да биде реализирана за пет години. Но, ќе се трошат пари и за експропријација и за надзор. Власта очекува инфраструктурното поврзување да придонесе за поголем економски развој. Проектот го оцени како историски. Опозицијата се сомнева во матни зделки со надзорот, обвинувајќи дека условите биле кроени наменски…

За пет години во земјава треба да бидат изградени четири нови современи автопатишта, долж коридорот 8 и 10д. Во владата ставен потпис на договорот вреден и 1,3 милијарди евра. Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе проектираат и градат 108,8 километри пат на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојачани, Требениште-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.

Владата го оцени проектот како историски. Според премиерот Ковачевски, оваа капитална инвестиција ќе значи побрз економски развој, поврзување со соседите и со важните поморски пристаништа.

Наскоро треба да почне проектирањето на трасите и постапката за експропријација на имотите, информираше директорот на јавното претпријатие за патишта. За ова ќе се потрошат дополнителни средства.

И додека власта се фали со проектот, ВМРО-ДПМНЕ со обвинување за фирмите коишто ќе вршат надзор на автопатиштата. Опозициската партија се сомнева во матни зделки и го повика обвинителството да отвори предмет, оценувајќи дека е компромитиран надзорот над изградбата.

За изградбата на четирите автопатишта од државниот буџет годишно ќе се издвојуваат 244 милиони евра. Согласно со договорот изградбата на три автопатишта ќе почне на 22-ри април, додека кон крајот на годината и делницата Требениште-Струга-Ќафасан.

Викторија Милевска