Масовни руски воздушни напади низ цела Украина
Руски ракетни напади врз голем број украински региони, прекинато снабдувањето со електрична енергија и вода. Експлозии и во Киев. Украинската нуклеарна централа Запорожје е исклучена од редовно снабдување со електрична енергија. Продолжува битката и за Бахмут. Украинската војска не се предава. Од Кремљ бараат брза и транспарентна истрага за минатогодишните напади врз „Северен тек“, а воедно и правилно спроведување на договорот за жито…

Масовни воздушни напади низ цела Украина. Експлозии во Киев, Харков, Одеса и Лавов, а слична е ситуацијата и во Харков. Има загинати и повредени. Украинската нуклеарна централа Запорожје е исклучена од редовното снабдување со електрична енергија. Три руски ракети беа лансирани кон Украина од рускиот регион Белгород.
„За време на првиот удар, автоматизираниот сигнал продолжи. Пријдов до прозорецот за да видам што се случува кога видов огнени искри и скршени прозорци во целата куќа“, вели жител на Харков.
Слична е ситуацијата и во источниот град Бахмут. Додека руските сили ги продолжуваат обидите да го опколат градот, украинскиот воен персонал е решен да возврати.
„Екипата на тенкот пукаше од скриената позиција кон непријателските позиции. Целта е погодена, момците се добри, ги поздравивме непоканетите гости кои дојдоа во нашата земја. Бахмут стои. Ќе победиме“, порача командантот на тенковската единица.
Руските трупи се обидоа да го опколат градот од три страни, оставајќи само тесен коридор што води кон запад. Единствениот автопат беше цел на руска артилериска огнена стихија, принудувајќи ги украинските бранители се повеќе да се потпираат на селските патишта.
„Бахмут е важен за нас. Да не беше важно, немаше да се бориме за тоа. Ова е нашата земја“, рече украински војник.
Под постојан оган се и соседните градови. Иако целта на руските ракетни напади се објекти од енергетската инфраструктура, украинските власти соопштија дека биле погодени станбени згради. Од руското министерство за одбрана објавија видеоснимка од мисијата на армиската авијација. Во описот се вели дека на мала надморска височина продолжуваат да ги извршуваат задачите за уништување оклопни возила и воена инфраструктура на украинските вооружени сили.
„Тие го уништуваат нашиот град. Секој ден има гранатирање. Сите се во шок. Сите се плашат. Одам во кревет и не знам дали ќе се разбудам следниот ден“, вели Оља Бабашкин, локален жител.
По посета на Генералниот секретар на ООН на Киев, од Кремљ велат дека Москва има намера да продолжи да го покренува прашањето за правилно спроведување на договорот за жито.
„Сè уште има многу прашања за конечните приматели и каде оди најголемиот дел од житото. Се разбира, сите се свесни за проблемите со вториот дел на договорите. Иако има одреден напредок, Русија сепак планира да го постави ова прашање“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Портпаролот на Кремљ зборуваше и за минатогодишните напади врз гасоводот „Северен тек“ и вели истите дека не можеле да бидат извршени без државна поддршка. Москва бара брза и транспарентна истрага.
Маријана Димовска
