Здравство

Обезбеден лекот „Трикафта“ за осум пациенти со цистична фиброза

09.03.2023 14:34

Осум најтешко болни од цистична фиброза ќе го добијат лекот „Трикафта“. За нив е обезбедена терапија. Се прават напори да се покријат уште четворица други, бидејќи лекот бил набавен по пониска цена од очекуваното. Од Здружението на пациенти сметаат дека е ова голем чекор напред, но предупредуваат дека е потребно да се најде системско решение за сите болни. Цистична фиброза е генетска болест, која ја имаат околу 130 луѓе во земјава...

Осум пациенти болни од цистична фиброза, од кои двајца во критична состојба ќе бидат првите кои деновиве ќе почнат да се лекуваат со „Трикафта“. Модуларната терапија ќе ја примаат секојдневно и се очекува значително да го подобри нивното здравје и да спречи хоспитализација. Претседателот на асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар вели ова е позитивен исчекор, но и само почеток на напорите да се обезбеди терапија за сите болни.

Надлежните велат, се прават напори лекот да го добијат уште четворица пациенти, за што е пратен допис на ФЗОМ. Терапијата била набавена по пониска цена и останале повеќе средства. Од Министерството за здравство информираат дека се работи на системско решение.

Од осуммината пациенти за кои терапијата веќе е пристигната, седуммина се возрасни, едно е дете. Дел од терапијата ќе ја примаат на детската клиника, дел на клиниката за пулмологија. Според ветувањата на надлежните, до крајот на годината, 30 пациенти со тешка и средно тешка клиничка слика ќе добијат лек, а во наредните три години со терапија треба да бидат покриени сите болни од цистична фиброза.

 

 

 

Викторија Милевска