Гир: Корупцијата се испитува во сите фази
Опозицијата да учествува во работните групи за уставните измени, вели премиерот Ковачевски. За спас на државата потребни се предвремени избори – став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Од Европската Унија пак апелираат потребни се институционални промени во системот за спас од корупцијата. Гир вели, не се работи за идентификување на поединци кои го прекршиле законот, туку за промена на системот...

Кога е во прашање корупцијата, нема толеранција за корупцијата, вели евроамбасадорот Гир. Изјави дека нема увид во поединци кои би можеле да бидат цел на санкции, откако американската амбасадорка Анџела Агелер, соопшти дека едно до две лица ќе бидат на црната листа на САД. Според Гир не се работи за идентификување на поединци кои го прекршиле законот, туку за промена на системот.
„Прашањето за корупцијата навистина важно прашање, што навлекува во сржта на пристапниот процес. Тоа е толку многу важно што го вклучивме во основите. Ја испитуваме борбата со корупцијата и се трудиме да се бориме со секоја фаза од целиот процес. Тука не се работи за идентификување на поединци, туку за промена на системот, за институциите да можат да се борат и да се справат со корупцијата и сите да знаат дека не постои толеранција за корупцијата тоа е долгорочен процес во кој сме вклучени“, нагласи евроамбасадорот во земјава.
И, додека Гир вели дека прашањето за корупција е важно за пристапниот процес, премиерот Ковачевски смета дека опозицијата треба да прифати учество во работната група за уставните измени, иако, според него, во минатото се покажало дека тие во ништо не сакаат да учествуваат во ништо, освен во блокирање на Собранието. Ковачевски повтори дека за процесот на уставните измени следна фаза е формирање експертска работна група.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак смета за спас на државата се неопходни предвремени избори за да се стави крај на криминалот на СДСМ И ДУИ. Ја повтори понудата до власта, да се смени законот кој предвидува техничка влада сто дена пред избори, да се распушти собранието и во рок од два месеци да се оди на брзи избори.
Додека за власта приоритет се уставните измени, како предуслов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ и вели дека за нив, опција се редовни избори во 2024-та година. Опозицијата инсистира на предвремени избори, како единствен излез од економската и енергетската криза во земјава.
Игор Панов
