Светскиот ден на бубрегот

Бубрежните болести бараат континуирано лекување и нега

09.03.2023 15:20

Осум до десет отсто од општата популација во државава има одреден степен на хронична бубрежна болест. Во раните стадиуми, без симптоми, поради што пациентите не знаат дека ја имаат. Лекарите препорачуваат редовни контроли за превенција од болеста. Во нашата држава, околу 1.600 пациенти одат на дијализа, а 150 чекаат да добијат бубрег од донор. Се одбележува Светскиот ден на бубрегот...

По осум години поминати на дијализа, 51 годишниот Киро Христов има нов бубрег. Трансплантацијата му е извршена пред година ипол, од починат дарител. Речиси се вратил во нормалниот тек на животот. Се чувствува добро и упатува апел за органодарителство.

„Не ништо страшно после смртта на луѓето, на пациентите да се трансплантираат органите. Подобро да живее некој отколку да се мачи, продолжува животот на некого“, вели Киро Христов, трансплантиран пациент.

Од здруженијата на бубрежно болни бараат нови лекови да стават на позитивната листа, бидејќи листата не е ажурирана повеќе од една деценија .

„Бенефитот од тие лекови ќе биде и кај самите пациенти и кај здравствените установи и во вкупниот буџет на Република Македонија“, изјави Душко Ѓорѓиевски, претседател на здружението „Нефрон“.

Во земјава околу 1.600 пациенти одат на дијализа, 150 чекаат да добијат бубрег од донор. Доколку болеста се открие навреме, може да се превенира, велат лекарите. Најчести причини за појава на бубрежните заболувања се зголемениот крвен притисок, дијабетесот и дебелината.

„Потребна е едукација на населението бидејќи без нивна едукација ние сами не можеме да се справиме иако имаме релативно доволен број на нефролози“, изјави д-р Гоце Спасовски, претседател на Македонското здружение за нефрологија.

„Екипираноста за вакви сериозни ситуации е многу битна. Важно е да имаме екипиран кадар, екипирани интензивни неги за третман на овие пациенти“, вели д-р Ирена Бушлетиќ, директор на Клиниката за нефрологија.

Најмалиот пациент во земјава кој оди на дијализа има само три години, а најстариот 90. Во земјава околу 60 пациенти, повеќе од 20 години одат на дијализа. За намалување на бројот на бубрежно болни важен е здравиот начин на живот.

Во раните стадиуми, без симптоми, поради што пациентите не знаат дека ја имаат болеста. Лекарите препорачуваат редовни контроли за превенција.

Андријана Ѓурческа