Новиот закон ќе предизвика сериозни последици, реагираат од Асоцијацијата на спортски обложувалници
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници реагираат на постапката новиот Закон за игри на среќа да се донесе со европско знаменце, без дебата. Законот според нив ќе предизвика сериозни последици по буџетот, а на улица ќе останат 10.000 луѓе. Од „Антикоцкање“ велат дека треба што поскоро да се изгласа законот, кој практично не е нов, оти стоел заглавен во собраниските фиоки…

На мала врата без дебата сакаат да протнат закон, кој ќе донесе страшни последици по буџетот, илјадници луѓе ќе останат без работа, а сивата економија ќе цвета, реагираа од АСОМ во пресрет на донесувањето на новиот Предлог-закон за игри на среќа.
Позади носењето на ваков закон со европско знаменце, се кријат одредени интереси кои ги промовира Владата.
Од движењето „Антикоцкање“, сметаат дека е неопходно предлог законот да се донесе со европско знаменце, оти истиот стоел во собраниската комисија две години. Со него ќе ја спасиме младината од коцката, која е сериозна закана и присутна до секое училиште, додаваат од движењето.
Предлог-законот за игри на среќа предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.
Зоран Димовски
