Жители од Бутел на протест, не даваат Арсовска да им гради улица низ дворовите
Бутелчани на протест. Не даваат Арсовска да им гради улица низ дворовите. Вчера добиле писмо од Град Скопје дека за три дена мораат да расчистат просторот. Градоначалникот Костовски вели сето ова се реализира со цел да се изградат згради според планот донесен во минатото. Град Скопје демантира …

Им земаат од семејните дворови, зашто имаат план да градат седум згради. Шеесетина жители на Општина Бутел вчера добиле писмо од Град Скопје дека за три дена мораат да расчистат дел од државното земјиште кое го користат, зашто градот пред врата ќе им правел улица. Проблем е што голем дел од овие жители уредно го легализирале овој простор.
„Овде како доказ имам и уплатници што сум плаќал и имотниот лист каде што стои дека сопственици се семејство Божиновски на 164 метри станбен простор, 206 метри квадратни двор и 106 метри квадратни двор. Значи ми е дадено да ги откупам. Тоа земјиште е сега мое и не знам која е логиката дека јас сум окупирал земјиште“, изјави Ѓокица Божиновски, жител на Општина Бутел.
Овде веќе постои улица, но жителите се плашат дека таа се планира да биде само помошна за седумте висококатници кои треба да никнат пред прозор.
„Ние не бараме ништо од Град Скопје, сакаме да ја смени трасата на патот, затоа што ако не ја смени трасата на патот стои нешто друго позади ова, зошто сакаат да го користат просторот и да направат згради! Со промената на трасата нема да има простор за згради“, вели Мустафа Еридини, жител на Општина Бутел.
Поднеле приговор до Град Скопје, но навредени се од односот на градоначалничката Арсовска која не сака да се сретне со нив и во писанието што им го испратила стои дека тие се узурпатори на државно земјиште.
„Узурпатор? Мене на 83 години узурпатор? Да е сега тука со бастунот ќе ја пернам еднаш убаво па да види кој е узурпатор, јас или таа или некој друг?!“, реагира Невена Буркова, жителка на Општина Бутел
Градот негира дека овде ќе никнат згради.
„На овој потег општина Бутел нема доставено нов или измена на постоечки Детален Урбанистички План ДУП, ниту е предвидена изградба на згради. ДУП носи општина Бутел, а до овој момент во градот нема стигнато на разгледување ДУП за оваа локација. Дополнителна инфраструктура од градот не е предвидена, единствено се работи на изградбата на булеварско решение кое е нереализирано барање на граѓаните со децении, а истите го гласаа во програмата За модерно Скопје, како еден од приоритетите за реализација“, стои во одговорот на Град Скопје.
Сепак, градоначалникот на Бутел кој го поддржа протестот го вели сосема спротивното.
„Тоа е еден план којшто е донесен во минатото и во оваа прилика би сакал да бидам прецизен и јасен дека на првата седница на Советот на Општина Бутел, на 15-ти овој месец, ќе се поведе иницијатива за поништување на маркиците за згради“, вели градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Бутелчани не отстапуваат. Бараат средба со Арсовска, дворовите не ги даваат и се закануваат со масовни протести.
Катерина Топалова
