Германија

Напаѓачот во Хамбург бил поранешен член на Јеховините сведоци

10.03.2023 12:11

Во вооружен напад во црква на Јеховини сведоци, најмалку 7 луѓе убиени, 10-ина ранети. Напаѓачот, поранешен член на религиозната група, најверојатно се самоубил. Мотив за нападот сè уште не е познат...

Напаѓачот кој синоќа усмрти и рани неколку лица во објект на Јеховините сведоци во германскиот град Хамбург, најверојатно се самоубил по крвавиот пир.

„Полицајците кои пристигнаа на местото затекнаа неколку луѓе тешко повредени, но и со прострелни рани на приземјето од зградата. И самите слушнале уште еден истрел од горниот кат каде што пронајдоа уште едно усмртено лице. Засега немаме индикации дека сторителот е во бегство, туку дека тој е меѓу жртвите“, изјави Холгер Верен, портпарол на полицијата во Хамбург.

Грегор Мисбах, кој живее во близина каде што се случи масакрот, слушнал истрели и снимил лице кое влегува во зградата низ прозорецот.

„Слушнав истрели. Погледнав и видов еден човек како пука низ прозорецот на зградата. Прво не ни сфатив што се случува, па почнав да снимам со мобилниот. Тогаш сфатив дека некој пука врз јеховините сведоци. Слушнав веројатно 25 истрели“, рече Грегор Мисбах, очевидец.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на „Твитер“ го осуди „бруталниот чин на насилство“.

„Лоши вести од Хамбург. Неколку членови на јеховината црква синоќа станаа жртви на брутален чин на насилство. Моите мисли се со нив и нивните семејства. И со безбедносните сили, кои имаа тешка задача“, коментира Шолц.

Осуда стигна и од европската комесарка за внатрешни работи Јохансон.

„Нападите се секогаш одвратни, но нападите на места за богослужба, коишто по дефиниција се места за мир, се навистина шокантни“, изјави Илва Јохансон, европски комесар за внатрешни работи.

Германскиот магазин „Шпигел“ пренесува дека напаѓачот бил деловен економист од Хамбург, поранешен член на верската заедница-јеховини сведоци и водел чудна веб-страница. Според медиумот, се работи за извесен 35-годидшен Филип Ф. Се претставувал како консултант и нудел услуги од „контрола“ до „теологија“ по астрономски суми кои достигале и висина од 250 илјади евра. Се верува дека израснал во строго евангелско домаќинство во Кемптен во Алгау. Мотивите за крвавиот чин остануваат непознати. Истрагата треба да ги даде одговорите.

 

 

 

Бојана Крстевски