МЗШВ ќе бара на владина седница, земјоделците од струмичко Банско да имаат вода за загревање и наводнување на пластениците
Земјоделците од струмичко Банско кои пластениците со зеленчук ги греат со геотермална вода, бараат Министерството за земјоделство да најде решение за да го продолжат производството. Од таму велат дека проблемот ќе предложат на владина седница, земјоделците да ја користат водата се до изнаоѓање решение во рамките на законската регулатива...

За проблемот на раноградинарите од струмичко Банско треба да интервенира и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Не може среде производствена сезона земјоделците да талкаат по институциите и да бараат решение. Вака смета Драги Памуков од потсекторот за градинарство кој го повика Министерството да најде решение и земјоделците да добијат водно право за користење на геотермалната вода за загревање и наводнување на своите пластеници.
Од Министерството за земјоделство соопштија дека се запознаени со проблемот на земјоделците од Банско. Најавија дека ќе иницираат средба со Министерствата за животна средина и екологија за да се најде решенија – земјоделците да ја користат геотермалната вода за загревање и наводнување на пластениците.
„Министерството за земјоделство ќе предложи на владина седница да се актуализира прашањето земјоделците да не бидат оштетени. Нашиот предлог ќе биде да им се овозможи на земјоделците непречено да произведуваат, се до изнаоѓање решение за ситуацијата, во кое ќе се внимава и на законската рамка, но да не биде загрозено земјоделското производство“, соопштија од МЗШВ.
Во струмичко Банско има над 50 хектари со пластеници под зеленчук кои се греат и наводнуваат од геотермалната вода. Со оглед дека реонот има концесионер за водата, ЕВН почна да не ги продолжува договорите на земјоделците за користење струја со која ја испумпуваат водата од бушотините за пластениците.
Ване Трајков
