По трет пат одложено судското рочиште за случајот со родилката од Дебар
Се одложи судењето против тројцата гинеколози од струшката болница, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Според обвинението, поради лекарска грешка при породување родилката Јилдаз Веапоска, медицинска сестра од Дебар остана без три органи-јајник, матка и бубрег. Веапоска вели, како одминува времето, таа се чувствува се полошо и физички и психички, а дополнително е изложена на трошоци за секое доаѓање на рочишта во Основниот суд Струга...

По трет пат се одложи судскиот процес против тројцата гинеколози за случајот со родилката од Дебар Јилдаз Веапоска, која при царски рез во болницата во Струга, остана без три органи, бубрег, матка и јајник. Денеска одложувањето беше поради отсуство на адвокатот на третообвинетата лекарка. Веапоска вели, како одминува времето, таа се чувствува се полошо и физички и психички, а дополнително е изложена на трошоци за секое доаѓање на рочишта во Основниот суд Струга. Но, вели, не се откажува од барањето правда.
„Сметам дека ова е само одлагање и купување на време. После сето тоа имав уште еден оперативен зафат се лекувам на психијатрија се повеќе и повеќе ми се влошува здравјето и физички и психички“, вели Јилдаз Веапоска-оштетената родилка од Дебар
Во случајот, обвинети се тројца гинеколози од Струга кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, затоа што при породување, поради лекарска грешка на Веапоска и ја оштетиле бубрежната артерија. Адвокатот вели, очекуваат да се забрза судскиот процес.
„Многу време одминува по однос на ова судење, очекувам од следното рочиште да се забрза целокупниот процес и ќе дојдеме до првостепена пресуда во најбрз можен рок“, вели адвокатот на оштетената, Сашо Јанев.
Досега е одржано само едно рочиште во јануари, кога сведочеше оштетената, медицинската сестра Јилдаз Веапоска, таа низ солзи раскажуваше за целата голгота која ја минала во болницата во Струга. Тогаш докторите Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јованоска, кажаа дека не чувствуваат вина.
Следното рочиште е закажано за 9-ти мај.
Соња Рилковска
