Руско-украински конфликт

Нови напади врз енергетската инфраструктура во Украина

10.03.2023 12:57

„Украина е решителна да победи во војната“, изјави претседателот Зеленски. Големи руски напади во најмалку 10 региони. На удар и енергетските објекти. Папата Франциск тврди, војната во Украина не е водена само од интересите на Русија.

80 руски проектили паднаа врз цели во Украина. На удар енергетските објекти во десет региони како одмазда за минатонеделниот напад во Брјанск“, порача Кремљ. Украинската влада тврди – Москва се враќа на старата тактика на заплашување и тероризирање на цивилите, но нема да избегне одговорност. Американската филмска академија го одби барањето на претседателот Зеленски да се обрати на Оскарите.

„Поради нападот, нуклеарката во Запорожје беше исклучена од електричната мрежа. Ситуацијата е критична. Русија намерно предизвикува вакви критични ситуации во нашите нуклеарни објекти“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва возврати – Украинците ја исклучуваат струјата зашто сакаат провокација. Меѓународната агенција за атомска енергија бара итна постапка за заштита на најголемата нуклеарка во Европа лоцирана во Запорожје.

„Постојано се коцкаме. Ако дозволиме да продолжи ова, еден ден ќе ни ја снема среќата. Ги повикувам сите сега и овде. Мора да ги заштитиме безбедноста и сигурноста на нуклеарката. И тоа веднаш! Потребна ни е акција“, изјави Рафел Гроси, шеф на МААЕ.

Погодени се и делови од Киев, Одеса, Харков и Лавров. Има загинати и повредени. Во меѓувреме, од руското МНР соопштија дека продолжуваат контактите околу пактот „Нов СТАРТ“ меѓу Вашингтон и Москва иако Кремљ ги суспендираше обврските од договорот за контрола на нуклеарното вооружување.

В понеделник во Женева консултации меѓу ОН и Русија за продолжување на спогодбата за извоз на житото. Во Истанбул лани беше потпишана серија документи за испорака на храна и ѓубриво на меѓународниот пазар, вклучувајќи и механизам за извоз на житарки од црноморските пристаништа под контрола на Украина. Другиот дел се однесува на пристапот за руските прехранбени производи до светските пазари. Според Москва, вториот дел не се спроведува. Спогодбата во ноември беше продолжена за 120 дена и истекува на 18 март.

Папата Франциск смета дека војната во Украина ја поттикнуваат империјалистички интереси, а не само интересите на Русија. Поглаварот на Римокатоличката црква изрази подготвеност и да разговара со претседателот Путин за да побара мир.

 

Маја С. Филдишев