Напаѓачот на Јеховините сведоци во Хамбург се самоубил
Германскиот магазин „Шпигел“ пренесува дека напаѓачот бил деловен економист од Хамбург, поранешен член на верската заедница-Јеховини сведоци и водел чудна веб-страница. Според медиумот, се работи за извесен 35-годишен Филип Ф...

Напаѓачот кој синоќа усмрти и рани неколку лица во објект на Јеховините сведоци во германскиот град Хамбург, се самоубил по крвавиот пир.
„Сторителот избегал на вториот кат кога пристигнала итната помош и подоцна се самоубил таму, така што станува збор за вкупно осум смртни случаи. Меѓу жртвите е и седуммесечно бебе кое беше погодено во утробата на мајката“, изјави Енди Грот.
Грегор Мисбах, кој живее во близина каде што се случи масакрот, сведочи за кобната ноќ.
„Слушнав истрели. Погледнав и видов еден човек како пука низ прозорецот на зградата. Прво не ни сфатив што се случува, па почнав да снимам со мобилниот. Тогаш сфатив дека некој пука врз Јеховините сведоци. Слушнав веројатно 25 истрели“, рече Грегор Мисбах, очевидец.
Жителите вознемирени, се плашат за својата безбедност.
„Ова е страшно. Ова не смее да се случи, особено не во Хамбург. Секогаш мислевме дека сме безбедни овде, но како што гледате, секој може да биде жртва, нели?“-рече Али Шави, жител на Хамбург.
Германскиот канцелар Олаф Шолц на „Твитер“ го осуди „бруталниот чин на насилство“.
„Лоши вести од Хамбург. Неколку членови на јеховината црква синоќа станаа жртви на брутален чин на насилство. Моите мисли се со нив и нивните семејства. И со безбедносните сили, кои имаа тешка задача“, коментира Шолц.
Осуда стигна и од европската комесарка за внатрешни работи Јохансон.
„Нападите се секогаш одвратни, но нападите на места за богослужба, коишто по дефиниција се места за мир, се навистина шокантни“, изјави Илва Јохансон, европски комесар за внатрешни работи.
Германскиот магазин „Шпигел“ пренесува дека напаѓачот бил деловен економист од Хамбург, поранешен член на верската заедница-Јеховини сведоци и водел чудна веб-страница. Според медиумот, се работи за извесен 35-годишен Филип Ф. За кој се верува дека израснал во строго евангелско семејство во Кемптен во Алгау. Мотивите за крвавиот чин остануваат непознати. Истрагата треба да ги даде одговорите
Бојана Крстевски
