80 години од депортацијата на Евреите од Штип
Македонија им оддава почит на 7.144 Евреи кои од Македонија биле однесени во логорите на смртта. Од нив 543 Евреи се од Штип. Никогаш да не се заборави и никогаш да не се повтори тоа што се случуваше на овие простори пред 80 години – е пораката од денешната комеморација во Штип...

„Тоа што се случи на денешен ден пред осум децении, никогаш да не се повтори“ вели Шела Сион, единствената преживеана од депортацијата на 543 штипски Евреи, кои од постела биле однесени на железничката станица и товарени во вагони. Шела преживеала благодарение на нејзината сестра, која била болничарка и случајно ја видела на железничката станица во Призрен.
„Беше рано наутро, мајка ми ме будеше, но јас не сакав да станам. Бргу се облековме и во тој момент не знаев што се случува, имав само седум ипол години. Не се сеќавам дали беа германски или бугарски војници“, изјави Шела Сион Алтерас.
Нека Евреите починати во Треблинка бидат залог за посветла иднина и просперитет на Македонија, вели претседателот на Еврејската заедница.
На комеморацијата за депортацијата на штипските Евреи беше промовирана книгата „Евреите од Штип – од доселувањето до Холокаустот“ од авторот Мишо Китановски. На настанот присуствуваа германскиот амбасадор Ото Граф и гости од Израел.
Славица Величковска
