ДИК ќе ги врачи уверенијата за пратеници
Конститутивната седница на Собранието се очекува да биде свикана до крајот на неделава...

Државната изборна комисија (ДИК) денеска треба да ги врачи уверенијата на избраните пратеници, откако вчера ги соопшти официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 27 април.
Во идниот состав на Парламентот ќе седнат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ. Опозицијата предводена од СДСМ освои 34 мандати, за кои најави дека нема да ги прифати. Неприфаќање на мандатот најави и Руфи Османи, единствениот пратеник на НДП што доби мандат.
На предвремените парламентарни избори од 1.780.128 запишани граѓани уставното право го искористиле 1.120.774 гласачи или 62,96 %.
Конститутивната седница на Собранието се очекува да биде свикана до крајот на неделава, откако спикерот Трајко Вељаноски официјално ќе го добие извештајот од ДИК дека предвремените парламентарни избори 2014 може да се сметаат за завршени.
