Руско-украински конфликт

Нови руски воздушни напади низ цела Украина

10.03.2023 15:07

Повеќе од седум месеци трае обидот на руските сили да го освојат градот Бахмут, во источна Украина. Според аналитичарите, целта е политичка, а не воена. За Москва пак, Бахмут е отскочна штица за освојување нови територии. Втора година по ред одбиен предлогот на украинскиот претседател Зеленски да зборува на церемонијата на „Оскарите“...

80 руски проектили паднаа врз цели во Украина. На удар енергетските објекти во десет региони како одмазда за минатонеделниот напад во Брјанск, порача Кремљ. Украинската влада тврди – Москва се враќа на старата тактика на заплашување и тероризирање на цивилите, но нема да избегне одговорност. Американската филмска академија го одби барањето на претседателот Зеленски да се обрати на оскарите.

„Поради нападот, нуклеарката во Запорожје беше исклучена од електричната мрежа. Ситуацијата е критична. Русија намерно предизвикува вакви критични ситуации во нашите нуклеарни објекти“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Москва возврати – украинците ја исклучуваат струјата зашто сакаат провокација. Меѓународната агенција за атомска енергија бара итна постапка за заштита на најголемата нуклеарка во Европа лоцирана во Запорожје.

„Постојано се коцкаме. Ако дозволиме да продолжи ова, еден ден ќе ни ја снема среќата. Ги повикувам сите сега и овде, мора да ги заштитиме безбедноста и сигурноста на нуклеарката. И тоа веднаш! Потребна ни е акција“, изјави Рафаел Гроси, шеф на МААЕ.

Погодени се и делови од Киев, Одеса, Харков и Лавов. Има загинати и повредени. Во меѓувреме, од руското МНР соопштија дека продолжуваат контактите околу пактот „Нов СТАРТ“ меѓу Вашингтон и Москва иако Кремљ ги суспендираше обврските од договорот за контрола на нуклеарното вооружување. Претседателот Путин одржа состанок со Советот за безбедност на кој се зборуваше за релациите со земјите-членки на Евроазискиот економски сојуз.

„Зборуваме за развојот на односите во една од најважните области, развојот на односите со најблиските соседи и сојузници во Евроазиската економска заедница. Постојат многу аспекти кои се постојано во нашиот фокус, но и одделни теми на кои треба да се согласиме“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

В понеделник во Женева консултации меѓу ОН и Русија за продолжување на спогодбата за извоз на житото.

Папата Франциск смета дека војната во Украина ја поттикнуваат империјалистички интереси, а не само интересите на Русија. Поглаварот на Римокатоличката црква изрази подготвеност и да разговара со претседателот Путин за да побара мир.

 

Маја С. Филдишев