Спасовски на дружба со студентите од Факултетот за безбедност на Отворениот ден во МВР
Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше домаќин на студентите од Факултетот за безбедност од Скопје заедно со Деканот, проф. д-р Никола Дујовски и професори од овој Факултетот...

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше домаќин на студентите од Факултетот за безбедност од Скопје заедно со Деканот, проф. д-р Никола Дујовски и професори од овој Факултетот, како дел од иницијативата на МВР за серија Отворени денови за студентите од факултетите коишто соработуваат со МВР, како и учениците заинтересирани за запознавање со работата на МВР, а со цел да се покаже дека МВР е отворена и транспарентна институција, но и да се демонстрира важноста од меѓуинституционалната соработка и нејзино јакнење. Првиот Отворен ден на МВР е токму со студентите од Факултетот за безбедност, како институција со која МВР години наназад има одлична соработка. По одржаниот работен состанок во салата на граничната полиција, студентите имаа можност да направат обиколка во кругот на МВР и да се запознаат со надлежностите на дел од организационите единици сместени во кругот.
Студентите имаа можност да ја посетат и административната Прва зграда на МВР, салата за состаноци каде што се одржуваат официјалните средбите на раководството на МВР на билатерално и мултилатерално ниво, средби со амбасадорите и високите претставници на странски држави и меѓународни организации, како и со здруженија и претставници на медиумите, но и простор каде што се реализираат прес-конференциите и интервјуата на министерот за внатрешни работи. Министерот Спасовски ги покани студентите во својот Кабинет каде што им беше презентирана Монографијата „МВР за граѓаните 2017-2022“.
Од страна на студентите на Факултетот за безбедност беше изразена благодарноста за интересот на раководството на МВР за студентите на Факултетот за безбедност, како и за можноста да се запознаат со функционирањето на Организационите единици при МВР и можностите за вработување, а во насока на исполнување на своите професионални цели – теоријата да ја спроведат во практика од која бенефит ќе има целото општество.
