Сепак ќе се гради спорниот хотел кај Лагадин
Општина Охрид и Министерството за транспорти врски со спротивставени ставови околу правосилноста на решението за градба на спорниот хотелски објект во крајезерската населба Лагадин. Градоначалникот Кирил Пецаков обвини дека решението за градба е правосилно со одлука на второстепената комисија на Министерството, додека министерот Благој Бочварски посочи дека постапувале по насоките на Управниот суд и дека основот по кој општината сакала да го поништи решението е одбиено од судот и требало да се изнајдат други докази за да не се гради објектот, за што имале укажувања и од УНЕСКО.

Сепак ќе се гради спорниот хотел во непосредна близина на Охридското Езеро кај Лагадин. Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков посочи дека тоа е резултат на одлуката на второстепената комисија на министерството за транспорт и врски од декември минатата година со која решението за градба што го издала општината во 2016-тата станало правосилно на 3-ти март. Тој праша зошто го прозиваат, бидејќи постапувал исто како и неговите претходници и заеднички во изминатите седум години, десет пати го поништувале решението за градба, заради непочитување на законот за градба, односно непријавување на почетокот на градење.
„За прв пат во историјата, барем за општина Охрид Второстепената комисија на министерството за транспорт и врски одлучува мериторно, меѓутоа не како што вика законот на вториот пат дека треба да одлучи мериторно, туку одлучува 10-тиот пат и му дава правосилност истиот орган, не јас. Што значи дека истото решение против кое е поведено УПБР 23852 уште во 2017 година каде што е прогласено како ништовно. Сега стапува на сила“, изјави охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.
Од друга страна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека министерството во два наврати ја поддржало општината за поништување на решението за градба, меѓутоа со пресудата од 2022 на Управниот суд министерството било задолжено да постапи мериторно и на општината повторно и е укажано да ја разгледа постапката за поништување на одобрението за градба, но по друг основ.
„Затоа што тоа е пресуда и одлука на највисокиот орган во оваа постапка, а тоа Управниот суд. Исто така, сакам да потенцирам дека комисијата на УНЕСКО дава препорака на општина Охрид да го преиспита целосно одобрението за градење во дело на целата постапка и сè уште е нејасно зошто општина Охрид по шест години од издавањето на одобрението за градење не сака повторно да ја разгледа целата постапка“, изјави министерот за транспорт, Благој Бочварски.
Во година кога УНЕСКО повторно ќе одлучува за статусот на Охрид тешко ќе може да се најде оправдување и за овој случај, а од друга страна општината ќе треба да издвои поголема сума пари за пеналите кои ќе треба да му се платат на инвеститорот.
Сашо Нелоски
