Изложба на графики и скулптури на Дали во галерија Остен
Македонската јавност ќе има можност да види 14 графики, еден цртеж и две скулптури изработени од сестраниот мајстор - сликар, скулптор, графичар и дизајнер...

Вечер, во галеријата Остен ќе биде отворена изложбата „Салвадор Дали - графики и скулптури“.
На изложбата, Остен ќе претстави дел од својата колекција, која го има потписот на Дали. Македонската јавност ќе има можност да види 14 графики, еден цртеж и две скулптури изработени од сестраниот мајстор - сликар, скулптор, графичар и дизајнер.
Овој настан е дел од програмата при одбележувањето на Денот на Европа и по повод 25-годишнината од смртта на големиот уметник од Шпанија.
Организаторската палка на изложбата ја држат Остен-уметност на хартија, Делегацијата на Европската унија, општина Центар и Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје.
Изложбата за посетителите ќе биде отворена до 27 мај, секој работен ден од 10 до 17 часот и од 10 до 13 часот во сабота.