Славјанск под опсада!

07.05.2014 10:18

Славјанск е под опсада, а украинската војска не дозволува цивилите да го напуштат градот, тврдат проруските сепаратисти.

Се пука врз сите возила што се обидуваат да излезат и веќе има најмалку двајца загинати. Според истиот извор, на контролните пунктови околу градот доаѓаат луѓе во црни униформи, за кои постојат сомневања, но не и докази дека се националисти од Десен Сектор.

„Истрелаа ракета од хеликоптер за да не провоцираат, а потоа пукаа врз нас со снајпери“, вели проруски компандант на единица.

Командантот на таканаречената Доњецка Република, Игор Стрелков, изјавил дека Славјанск е на нишанот на ракетен систем град, а околу се распоредени цела тенковска бригада од 30-тина возила и тешка артилерија. Во напад на контролен пункт во Доњецк загина еден човек, а тројца се ранети. Постојат индикации дека маскираните напаѓачи биле од Десниот Сектор.

Светските медиуми веќе не се воздржуваат од зборовите „граѓанска војна“ кога пишуваат за Украина. Според воениот командант на НАТО, Филип Бридлав, алијансата ќе мора да размисли за трајно стационирање на војска во Источна Европа.

Во меѓувреме, Вашингтон обвинува за реприза на кримското сценарио и порача дека нема да го признае референдумот за независност на сепаратистите, планиран за викендов. Државниот секретар Кери и европската висока претставничка Ештон повторно ја критикуваа Русија за непочитување на Женевскиот договор за деескалација.

„Не загрижуваат и напорите на сепаратистите во Доњецк и во Луганск да организираат референдум за независност на 11 мај. Јасно го отфрламе овој незаконски обид за натамошна поделба на Украина“, рече Џон Кери, државен секретар на САД.

„Бараме Русија да се придружи на повикот за итна деескалација, како што се договоривме во Женева“, истакна Кетрин Ештон, висок претставник на ЕУ.

Западот се заканува со воведување нови санкции против Москва, додека на европските берзи забележаа остар пад поради стравот на инвеститорите од проширување на конфликтот.

 

Ивана Салтировска