Велес

Постапката за изградба на пречистителна станица во Велес заглавена во административни работи

11.03.2023 10:27

Инвестицијата од 24 милиони евра, пари на ЕУ, за прочистување на отпадните води од домаќинствата во Велес е заглавена во административните работи. Од Општина Велес и Министерството за земјоделие оптимистички најавуваат дека до крајот на месецов работите ќе се поместат...

Постапката за изградба на пречистителна станица и колекторски систем за отпадни води во Велес заглави во административни работи. Се јавил проблем, кои надлежните се обидуваат да ги расчистат. Причината е локацијата каде требала да се гради, таа била продадена за лозови површини. Се бара решение за нова локација. Од Министерството за земјоделие најавуваат дека до крајот на месецов, правните работи кај нив ќе бидат завршени.

Со проектот за изградба на пречистителна станица со колекторски систем треба да се прифатат сите отпадни води од левата страна на реката Вардар, да се постави цевка под реката, близу автобуската, да се префрлат на десната страна. Потоа да се носат до пречистителната станица. Таа е планирана под вливот на реката Бабуна во река Вардар.

Според проектната документација, вредноста е околу 24 милиони евра, средства од ЕУ. Ако се биде според планираното неговата реализација би започнала годинава. Поради комплексноста и специфичноста на теренот, би траела подолг временски период. Проектот го води Министерството за животна средина.

 

 

Петар Печков