Продолжува изградбата на локалната патна мрежа во штипско
Во штипска Лесковица, реализиран еден километар асфалтни патеки, најава од владата и локалната самоуправа дека продолжуваат со средување на инфраструктурата во соседните села, но и на други во штипско..

Околу еден километар локални улички во штипското село Лесковица, конечно добија асфалт
„Инвестицијата е околу 6 милиони денари, а во рамките на истиот проект беа обезбедени и 20 милиони денари за патот кон Горачино“, изјави Илчо Захариев, градоначалник на општина Штип.
„Станува збор за инвестиција поддржана од Програмата за рурален развој за 2013 година. Станува збор за успешно реализиран проект, во многу краток вреенски период“, истакна Тони Димовски, од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието.
Оние што останале во селото, се надеваат дека асфалтот ќе ги врати некогашните жители назад.
„Ова дава надеж на луѓето кои сакаат да се вратат и да живеат овде...Некогаш Лесковица беше туристичко место, сега се надевам дека патот повторно ќе го врати тоа време...“, велат случајно анкетираните жители.
За тоа да се случи, не само во Лесковица, туку и во останатите села, општината и државата најавуваат нови инвестиции во руралните средини.
„Сите села во Штипско кои немаат патишта, а нив ги има околу 10-тина на број ќе добијат асфалт во наредните три години, а ќе добијат и водоводи“, додава Захариев.
„Владата на РМ преку Програмата за рурален развој, ги поддржува не само асфалтирањата на селските улици, туку и изградба на канализациони мрежи и водоводи, со штоизлегуваво пресрет и ги обезбедува потребните услови за квалитетно живеење во сите региони во Република Македонија“, додава Димовски.
Инаку, во Лесковица од некогашните над 800 жители, сега живеат околу 140.
Оливера Жежова
