Продолжува офанзивата на руската војска врз Бахмут
Борбите во Бахмут ескалираа, повеќе руски напади врз градот и околината. Руските сили се обидуваат да ги пробијат украинските одбранбени линии. Уништени куќи и згради, има загинати и повредени цивили...

Борбите во Бахмут ескалираа, над 100 руски напади врз градот и околината. Пожарникарите во Доњецк имаат полни раце работа. Регионот е под постојан артилериски оган. Руските сили се обидуваат да ги пробијат украинските одбранбени линии кои главно се држат цврсто во последните месеци, велат од украинското Министерство за одбрана.
„Внимание! Воздушен напад!“- рече шефот на противпожарната единица.
Нападнати се околните населени места. Уништени се голем број куќи, станбени објекти, а има загинати и повредени цивили. Украинските власти обвинуваат дека во нападите русите користат ракети С-300 и касетна муниција.
„Ова беше ракета „Смерч“. Најдовме остатоци на периферијата на градот. Како што можете да видите, тоа беа касетни бомби, забранети со меѓународната конвенција. Пукаат во цивили. Приватни куќи. Ова не е воен објект“, рече украински службеник.
„Излегов од мојата куќа и во истиот момент експлодираше бомба. Мојата рака е повредена“, вели Серхи, локален жител.
Од 80-та воздушна бригада, велат дека временските услови не им дозволиле на силите да користат возила, бидејќи е премногу калливо.
„Тешко е да се одбрани упориштето Бахмут. Тука се концентрирани многу непријателски сили. Исто така, времето не ни дозволува да користиме возила“, вели Михаил, украински падобранец.
Руското Министерство за одбрана објави снимка од минофрлачи на Западниот воен округ при извршување на мисии во зоната на специјалната воена операција. Борбените ги извршува воен персонал повикан од резервата како дел од делумната мобилизација.
Маријана Димовска
