Ли Чијанг избран за нов премиер на Народна Република Кина
Новоизбраниот премиер на Кина, Ли Чијанг положи заклетва. Негова задача ќе биде да ја оживее економијата погодена од тригодишните ограничувања поради Ковид. Чијанг ја презема должноста во време кога растат тензиите меѓу Кина и Западот. Само ден пред неговиот избор, 69-годишниот Џинпинг го обезбеди третиот петгодишен мандат на чело на државата...

Кинескиот претседател Ши Џинпинг го потпиша претседателскиот указ за именување на Ли Чијанг за нов премиер на Народна Република Кина. На денешната тековната седница во Големата сала на националниот кинески законодавен дом, Чијанг беше избран со 2.936 гласа, со три гласа против и осум воздржани.
63 годишниот Ли Чијанг е втор по ранг функционер во кинеската Комунистичка партија и поранешен шеф на ККП во Шангај. Чијанг ќе ја предводи кинеската влада или Државниот совет, со главен фокус на заживување на кинеската економија, која беше погодена со тригодишните ограничувања поради појавата на Ковид-19 пандемијата. Чијанг на позицијата премиер ќе го замени досегашниот претседател на кинеската Влада, Ли Кучијанг, кој ќе се пензионира по два петгодишни мандати.
Новоименуваниот премиер свечено положи заклетва, заколнувајќи се дека ќе биде лојален на кинескиот устав и дека „ќе работи напорно за да изгради просперитетна, силна, демократска, цивилизирана, хармонична и модерна социјалистичка земја“.
Освен премиерот Чијанг, во законодавниот дом беа избрани и директорот на Националната комисија за надзор, претседателот на Врховниот народен суд и главниот обвинител на Врховното народно обвинителство. Во следните два дена се очекува да бидат потврдени и промовирани и бројни други функционери одобрени од претседателот Ши Џинпинг, вклучително и вицепремиери, гувернерот на Централната банка, како и други министри и шефови на оддели.
Диме Ратајкоски
