Одбележување

Одбележување на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи

12.03.2023 08:34

Под мотото „11 март 1943 – Никогаш повеќе“ денеска ќе биде одбележана 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, што под покровителство на Владата, го организира Еврејската заедница во земјава и Фондот на Холокаустот...

Под мотото „11 март 1943 – Никогаш повеќе“ денеска ќе биде одбележана 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, што под покровителство на Владата, го организира Еврејската заедница во земјава и Фондот на Холокаустот.

Одбележувањето ќе почне со поворка на живите од Музејот на Град Скопје до Монопол-Империјал Тобако. Најавени се обраќања на претседателот на државата Стево Пендаровски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство Израел-Северна Македонија, Хамад Амар, како и на Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес, Мариа Багдасарова од Европскиот Еврејски Конгрес и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во земјава.

Одбележувањето ќе продолжи на Градските гробишта Бутел каде ќе биде положено цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и пред споменикот на паднатите борци во НОБ.

Вечерва во Националната опера и балет ќе се одржи комеморативен концерт на кој се очекува да се обратат премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Израел, Симона Франкел, претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви и претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер.