На повидок решавање на проблемот со излевање фекалии кај Грашница
На повидок е решавање на повеќедеценискиот проблем со излевање на фекална вода во месноста Грашница. Со парите што ги издвои Владата за Јавното претпријатие „Колекторски систем“ ќе се реализираат три проекти меѓу кои приоритетен ќе биде овој, бидејќи загадената вода не само што го загрозува здравјето на жителите од оваа населба, туку се влева во водите на Охридското езеро...

Конечно ќе се реши проблемот со кој што со години се соочуваат жителите во месноста Грашница, кога при обилни врнежи од дожд од шахтите на јавните површини и во езерото се излеваат фекални води. Со 40,4 милиони денари кои Владата ги издвои од буџетот Јавното претпријатие „Колекторски систем“ ќе реализира три поголеми проекти од кои приоритетна ќе биде оваа позиција.
„Како позначајна е локацијата Грашница каде што во целост ќе го решиме деценискиот проблем со излевање на фекалии од системски оставените испусти на цевководот во областа Грашница. Ќе се изврши комплетно чистење на цевководот од стариот пат Охрид-Струга до препумпната станица Даљан“, изјави Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“.
Што се однесува до обвинувањата на некои невладини организации дека од пречистителната станица кај Враништа во Црн Дрим се испушта загадена вода, Алексијоски тврди дека тие информации не се точни и посочува дека пречистената вода редовно се контролира од охридскиот Центар за јавно здравје од каде што досега немале ниту една забелешка.
„Со сопствени средства успеавме пречистителната станица во Враништа да ја донесеме до 90 проценти искористеност на нејзиниот капацитет. Поставивме фреквентна регулација на автоматика на 5 препумпни места. Со тоа ќе ги намалиме сметките за електрична енергија во голем процент, но исто така ќе направиме заштеда на самите комплети на полжни пумпи“, изјави Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“.
Годинава ќе се санираат и оштетените цевководи кај Подмоље, но и оној што минува под реката Црн Дрим со системот вовлекување цевка во цевка со што во колекторот нема да навлегува вода која што го оптоварува неговото функционирање.
Сашо Нелоски
