Битката за Бахмут се финализира
Битката за Бахмут се финализира. Украинската војска тврди дека руската страна загубила повеќе од илјада војници за 24 часа. Руските сили пак велат дека стигнале до центарот на градот. Зеленски најави санкции против повеќе од 280 компании и 120 луѓе кои работеле против интересите на Украина...

Битката за Бахмут во својот зенит. Украинската војска тврди дека руската страна загубила повеќе од илјада војници за 24 часа. Граничната служба на Киев, објави дека нивни снајперисти ги нападнале „вагнерите“ од заседа. Руските сили пак тврдат дека стигнале на околу километар од центарот на градот.
„Тоа е зградата на општината, административниот центар на градот. До таму има километар и двесте метри“, изјави Евгениј Пригожин, шеф на паравоената формација „Вагнер“.
Украинската војска предупреди дека веројатноста за ракетни напади низ целата земја останува висока. Има загинати и повредени цивили при руско гранатирање во Херсон. Како одговор на последниот бран напади во Бахмут и околината, украинскиот претседател Зеленски вели дека Русија станала синоним за терор и ќе биде пример за пораз и праведна казна. Најави санкции против повеќе од 280 компании и 120 луѓе кои работеле против интересите на Украина.
„Ракети и артилерија, беспилотни летала и минофрлачи. Злобната држава не остава ништо човечко зад себе. Урнатини, остатоци, кратери од гранати во земјата – ова е автопортретот на Русија. Во пограничните области, окупаторот гранатираше села за да ги заплаши и избрка луѓето. Русија стана синоним за терор и ќе биде пример за пораз и праведна казна за овој терор“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Битката за Бахмут е најдолга од почетокот на руската офанзива пред повеќе од една година. И за Киев и за Москва победата би била симболична. И додека Украина ја очекува ветената помош од Западот, илјадници Чеси излегоа на улиците во Прага против високата инфлација и барајќи земјата да ја прекине воената поддршка за Киев. Демонстрантите повикаа на мирно решение на конфликтот.
„Во руско-украинскиот конфликт вие-владата само долевате масло на огнот наместо да се трудите колку што можете повеќе да постигнете мировните разговори“, рече Јиржи Ханц, организатор на протестот.
Чешката Република е жесток поддржувач на борбата на Украина против руските трупи, обезбедувајќи оружје за украинските вооружени сили и отворајќи ги границите за половина милион бегалци.
Маријана Димовска
