Полицаец ноќеска пукал во воздух во Бутел за да се одбрани од неколку напаѓачи
Нов инцидент во Скопје. Ноќеска, група лица со возила им го попречила патот на тројца скопјани на улица во Бутел и физички ги нападнале. Меѓу нив имало и полицаец кој за да се одбрани, испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол. Има уапсени. Мотивите се истражуваат. Министерот Спасовски случајот не го поврзува со двојното убиство во чаршијата...

МВР работи на утврдување на мотивите и на откривање на сите учесници во инцидентот што се случил во скопски Бутел, кога група луѓе со автомобили пресретнале возило во кое се превезувале тројца, од кои еден полицаец и физички ги нападнале. За да се одбрани, тој иако не бил на должност извадил пиштол и пукал во воздух. Министерот Спасовски потврди дека има уапсени. Тој рече дека според првичните информации, случајот не е поврзан со двојното убиство во Чаршијата.
Додека Спасовски вели дека се постапува, опозицијата обвини за зголемен криминал. ВМРО-ДПМНЕ побара одговори за пукањето со калашников на свадбена веселба, во присуство на директор на БЈБ.
Министерот Спасовски вели – полицијата е неселективна, секој што се занимава со криминал ќе биде санкциониран.
За двојното убиство во Чаршијата, Спасовски рече дека мотивите се криминални пресметки меѓу структури, а тоа ќе го покаже истрагата кога ќе се соберат сите докази.
Игор Панов
