„Сè, секаде, одеднаш“ со седум златни статуетки на 95-те Оскари
Драмата за едно семејство со меѓусебни проблеми „Сè, секаде, одеднаш“ – најдобар филм, седум статуетки од 11 категории на годинашниот „Оскар“. Мишел Јео најдобра актерка, Брендан Фрејзер за улогата во филмот „Кит“ – најдобар актер...

„Сè, секаде, одеднаш“ е апсолутен добитник на 95-то издание на „Оскарите“. Филмот на режисерите Даниел Кван и Даниел Шајнарт, за семејство кинески емигранти кои патуваат низ мултиверзуми и ја откриваат смислата на животот, апсолутно триумфираше во речиси сите главни категории. Собра седум златни статуетки од 11 номинации, меѓу кои и онаа за најдобар филм.
Наградата за најдобра актерка ја понесе Мишел Јео од победничкиот филм, а за најдобар актер беше прогласен Брендан Фрејзер за улогата во филмот „Кит“. Мишел Јео стана првата Азијка која го добила Оскарот за најдобра актерка. Втор Оскар во својата кариера за најдобра монтажа доби Пол Роџерс за филмот „Сè, секаде, одеднаш“. Истоимениот филм ги понесе и наградите за споредната машка улога, која ја доби Ки Хју Кван, а наградата за најдобра женска улога отиде во рацете на Џејми ли Кертис. Филмот „Сè, секаде, одеднаш“, ја доби и златната статуетка за најдоброто оригинално сценарио. Филмот „Топ Ган Маверик“ освои Оскар за најдобар звук.
Оскар за најдобра сценографија добија Кристијан Голдберк и Ернест Хипер за нивната работа во продукцијата на воениот спектакл „На Западот ништо ново“. Истиот филм ја доби златната статуетка во категорија најдобра музика. „Аватар-патот на водата“ ја понесе наградата за најдобри визуелни ефекти, а филмот „Навални“ беше најдобар во категоријата документарен филм. Германската адаптација на „На Запад ништо ново“, ремек-делото на романсиерот Ерих Марија Ремарк за ужасите од Првата светска војна, во Лос Анџелес го освои Оскарот за најдобар странски филм.
