95-ти Оскари

Седум Оскари за „Сè, секаде, одеднаш“

13.03.2023 11:52

Филмот „Сè, секаде, одеднаш“ апсолутно триумфираше на годинашното 95-то издание на „Оскарите“. Од 11 номинации, понесе 7 награди. Најдобрата актерка, која истовреме е и главната улога на победничкиот филм, ја испиша историјата како прва азиска актерка што освоила Оскар. По минатогодишниот инцидент со шлаканицата за Крис Рок, неизбежно беше овогодишниот водител Џими Кимел наградите да ги почне со шега…

Апсолутна доминација на 95-то издание на Оскарите на филмот „Сè, секаде, одеднаш“. Собра седум златни статуетки од 11 номинации и триумфираше во речиси сите главни категории. Филмот на режисерите Даниел Кван и Даниел Шајнарт, за семејство кинески емигранти кои патуваат низ мултиверзуми и ја откриваат смислата на животот, ги понесе наградите за најдобар филм и најоригинално сценарио.

Наградата за најдобра актерка заврши во рацете на Мишел Јео од победничкиот филм, со што испиша историјата како прва азиска актерка што освоила Оскар.

„За сите мали момчиња и девојчиња кои гледаат вечерва, ова е светилник на надеж и можности, доказ дека големите соништа се остваруваат. А вие дами, не дозволете некој да ви каже дека сте минато од својот врв. Никогаш не се откажувајте. Ова морам да и го посветам на мајка ми. На сите мајки на светот затоа што тие се навистина суперхерои и без нив никој од нас не би бил овде вечерва“, изјави Мишел Јео, добитничка на Оскар за најдобра актерка.

Зборовите на Мишел побудија возбуда и солзи радосници во очите на нејзината 84-годишна мајка и поддржувачи од Малезија.

„Горда сум на мојата ќерка, таа е многу трудољубива девојка“, изјави Џенет Јео, мајката на наградената актерка Мишел Јео.

Истоимениот филм ги понесе и наградите за споредната машка улога, која му припадна на Ки Хју Кван, а наградата за најдобра споредна женска улога отиде во рацете на Џејми Ли Кертис.

Брендан Фрејзер е најдобар актер за улогата во филмот „Кит“.

„Па вака изгледа мултиверзумот. Ох, Господе. Им благодарам на Академијата за оваа чест и на нашето студио А24 што направи толку храбар филм. Благодарен сум на Дарен Аронофски што ми даде креативна животна линија, носејќи ме на добриот брод-китот, напишана од Семјуел Д. Хантер, кој е нашиот светилник“, изјави Брендан Фрејзер, добитник на Оскар за најдобар актер.

Филмот „Топ Ган Маверик“ освои Оскар за најдобар звук. Оскар за најдобра сценографија добија Кристијан Голдберк и Ернест Хипер за нивната работа во продукцијата на воениот спектакл „На Западот ништо ново“ кој освои и статуетка во категоријата-најдобар странски филм и најдобра музика.

По минатогодишниот инцидент со шлаканицата за водителот Крис Рок, неизбежно беше овогодишниот водител Џими Кимел наградите да ги почне со шега.

„Ако некој во овој театар изврши чин на насилство, ќе ви биде доделен Оскар за најдобар актер и ќе ви биде дозволено да одржите 19-минутен говор“, додаде водителот Џими Кимел.

Годинава Академијата за филмски уметности и науки формираше кризен тим, кој беше тука да се погрижи доколку работите излезат од контрола.

 

Бојана Крстевски