Кина

Новиот кинески премиер дециден, Вашингтон и Пекинг мора да соработуваат

13.03.2023 13:01

Вашингтон и Пекинг се тесно испреплетени економски, вели новиот кинески премиер Ли Чијанг. Кинескиот претседател, пак, Си Џингпинг вели дека народната армија ќе стане кинескиот челичен ѕид, а развојот на Кина е во корист на светот. Кинескиот претседател идната недела ќе отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Путин...

Во услови на геополитички тензии и спорови меѓу Кина и САД, новиот кинески премиер Ли Чијанг, вели дека Вашингтон и Пекинг се тесно испреплетени економски и мора да соработуваат. Двете влади, според кинеската статистика, изминатата година имале трговска размена од 760 милијарда американски долари. По првата сесија на 14. Национален народен конгрес, Ли се обиде да ги увери инвеститорите дека се можни подобрувања на условите во земјата.

„За нас е важен консензусот постигнат меѓу претседателите Си Џинпинг и Бајден минатиот ноември, да го преточиме во конкретни акции и вистински политики. Знам дека во последниве години, некои во САД ја трубат идејата за одвојување од Кина. А понекогаш тоа може да стане доста жешка тема на медиумите. Но, се прашувам колку луѓето навистина можат да имаат корист од овој вид возбуда“, изјави кинескиот премиер, Ли Чианг-Премиер.

Кинескиот претседател Џинпинг кој го доби третиот мандат, повика на изградба на голема модерна социјалистичка земја и промовирање на националното подмладување. На годишната сесија на Секинескиот народен конгрес, Си изјави дека изградбата на националната одбрана и воената модернизација треба сеопфатно да се подобрат, а народната армија ќе стане кинескиот челичен ѕид за заштита на државниот суверенитет, безбедноста и развојните интереси.

„Земјата треба целосно и верно да ја спроведе новата развојна филозофија на сите фронтови и да ги забрза напорите за создавање нов модел на развој. Кина треба да работи на постигнување поголема самодоверба и сила во науката и технологијата, да промовира индустриска трансформација и модернизација“, изјави кинескиот претседател, Си Џинпинг.

Кина изминатата деценија градеше државни компании кои го контролираат банкарството, енергијата, челикот, телекомуникациите. Развојот на Кина е во корист на светот, а таа не може да се одвои од светот, изјави кинескиот претседател. Тој идната недела ќе отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Путин.

Маријана Димовска