Одбележани 42 години од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“
Во касарната „Илинден“ одбележани 42 години од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, којашто има клучна улога во обезбедување јавни личности, справување со кризи, диверзантски акции и други безбедносни акции…

Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ постои веќе 42 години. Формирана како единица со воена метода за решавање конфликти во урбана средина, нејзината примарна цел се посебни задачи за справување со тероризам и организиран криминал, со заложнички кризи, обезбедување на терен и јавни личности, барање експлозиви, давеници, затрупани од лавини.
Нејзиното борбено крштевање беше за време на конфликтот во 2001-та, а од тогаш специјалната антитерористичка единица „Тигар“ ја вбројуваат во топ 10 специјални полициски единици и како трета единица во делот на снајперизам во светски рамки, која континуирано вежба со партнерските американски и европски специјални единици.
Првиот човек на МВР и премиерот на денот на единицата „Тигар“ побараа нејзините припадници и понатаму професионално да ги штитат државата и граѓаните од сите високоризични закани.
Полициските тигри заедно со семејствата се потсетија на своите паднати колеги кои ја дадоа најголемата жртва. По повод денот, наградени беа најдобриот припадник и припадниците кои имаат повеќегодишен стаж или се пред пензија, како и канцеларијата на ОБСЕ и компаниите коишто соработуваат со единицата.
Ирина Гелевска
