Реакции за говорот

Пендаровски не ги коментира ставовите на Димитров, во обраќањето се содржани историски факти

13.03.2023 14:36

Во обраќањето се содржани историски факти и вистини што беа потврдени од присутните, претседателот нема потреба од дополнителна изјава – соопштија од кабинетот на Пендаровски по прозивките од Софија. Обвинувања и барањата за извинување по изнесените ставови дека Бугарија има одговорност за депортацијата на Македонските Евреи во „Треблинка“…

Да се префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија е несериозно, вели копретседателот на македонско-бугарската историска комисија Ангел Димитров. Неговата изјава за бугарската телеграфска агенција доаѓа по обраќањето на претседателот Пендаровски на годишнината од депортацијата на Македонските Евреи во логорот Треблинка, дека за да има помирување, Бугарија мора да се извини за улогата на тогашната профашистичка власт во Софија во депортацијата на Македонските Евреи. Димитров смета дека депортацијата се случила под контрола на нацистичка Германија и дека Бугарија во тоа време не ги поседувала тие територии, туку само управувала со нив.

„Да се зборува така за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и неточно од политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување на добри дипломатски односи меѓу нашите две земји. Бугарија била единствената земја во Европа која од една страна била сојузник на нацистичка Германија, но не подлегнала на притисокот и ги спасила сите свои Евреи“, вели Димитров.

Претседателот Пендаровски не ги коментира ставовите на Димитров. Сметаме дека од наша страна нема потреба за дополнителна изјава затоа што претседателот Пендаровски ги искажа јасно своите ставови во обраќањето. Впрочем и гостите кои беа на одбележувањето на 80 години од холокаустот на Македонските Евреи ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот, соопштија од неговиот кабинет. Во обраќањето шефот на државата кажа дека морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ никаде не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија.

„Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, изјави Пендаровски.

На говорот на Пендаровски, критики и од бугарските националисти Ангел Џамбаски и Виктор Стојанов. Според европратеникот Џамбаски, Пендаровски со барањето демонстрирал скандалозна антибугарска дрскост, а пак, претседателот на бугарската фондација „Македонија“ порача дека Пендаровски ќе одговара за својот неонацизам.

Милчо Велески