Здравство

Законски измени за поедноставена и забрзана достава на лекови

13.03.2023 16:20

Најтешко болните од цистична фиброза го добија лекот „Трикафта“. Другите пациенти ги чекаат законските измени, коишто се неопходни за терапија да се набавува директно од производителот по пониска цена. Од Министерството за здравство ги повикаа пратениците што поскоро да гласаат. Измените не ги опфаќаат само пациентите со цистична фиброза, туку сите групи за коишто се набавува терапија на овој начин...

Лекот „Трикафта“ е потребно што побрзо да го добијат сите пациенти, вели Бојан Крстовски, кој се бори со оваа болест. Тој појаснува дека е неопходно што поскоро да ја добијат терапијата за да се забави процесот на прогресирање на болеста и да им се подобри здравствената состојба. Првичните резултати кај оние кои почнаа да го примаат лекот се многу добри и ветуваат, вели Крстовски. Тој се надева што поскоро да се усвојат законските измени.

Измените на Законот за лекови и Законот за здравствено осигурување неделава во собраниска процедура. Седницата е закажана за 16-ти март. Од Владата велат дека со нив ќе се овозможи побрза достава на лековите. Директно од производителот ќе се набавува „Трикафта“ за болните од цистична фиброза, но ќе важи и за сите други лекови кои имаат единствен производител.

Осум болни од цистична фиброза веќе почнаа да се лекуваат со „Трикафта“. Се прават напори лекот да го добијат уште четворица пациенти.

 

Ана Јосифоска Тодоровска