„Кршливоста на светулките“, втор сликарски циклус на Надја Петровиќ
Уметноста на македонската сликарка Надја Петровиќ, во нејзиниот втор сликарски циклус, наречен „Кршливоста на светулките“, го сочинуваат дела во масло на платно во голем формат. Младата авторка Надја Петровиќ во овој циклус речиси сосема го има изградено својот сликарски јазик во силно фигуративно сликарство каде доминира човекот и човековата состојба како резултат на неговото дејствување...

Уметноста на македонската сликарка Надја Петровиќ, во нејзиниот втор сликарски циклус, наречен „Кршливоста на светулките“, го сочинуваат дела во масло на платно во голем формат. Младата авторка Надја Петровиќ во овој циклус речиси сосема го има изградено својот сликарски јазик во силно фигуративно сликарство каде доминира човекот и човековата состојба како резултат на неговото дејствување. Современиот реализам и ликовната сликарска техника на фигурацијата на нејзините избрани човекови модели е темелен и студиозен приказ на актот и на неговите прекршувања, акцентирани преку апстрактни форми во однос на емоциите, идентитетот и опкружувањето.
Н. Петровиќ е родена во Битола 1991 година. Ликовните афилијации уште од основното образование ги гради преку учество на уметничката манифестација „Мал Битолски Монмартр“. За време на гимназиското средно образование заминува на неколку студиски престои во Централниот Колеџ Сент Мартин за уметност и дизајн во Лондон.
Дипломира 2013 година оддел сликање и цртеж на Уметничката Академија во Фиренца. Каде и на истата престижна Академија магистрира во 2017 година на одделот за визуелни уметности и нови форми на уметничко изразување. Истата година е и Првата самостојна изложба во Галеријата на НЛБ Банка во Скопје. Н. Петровиќ како млад автор учествува на повеќе групни ликовни настани а, во 2019 година учествува на паралелен уметнички настан за време на одржувањето на 58–то Венецијанско Биенале. Нејзините дела се наоѓаат низ приватни галерии низ повеќе светски метрополи.
*Фото : Музеј Скопје
