САД

Пропаѓањето на банките во САД предизвика страв од финансиска криза

14.03.2023 11:58

По колапсот на големите банки, американскиот претседател Бајден, нуди гаранции за американските штедачи. Рече дека ќе се обиде да побара одговорност, но и да се заложи за подобар надзор и регулирање на поголемите банки. Неговиот претходник, Трамп, го обвини за лоши економски политики...

Депонентите ги повлекоа своите заштеди, а инвеститорите ги продадоа банкарските акции, иако федералната влада уверува дека системот е безбеден по пропаѓањето на двете банки. Регулаторите ги гарантираа сите депозити во двете банки и создадоа програма за спас на другите банки.

Бајден рече дека банкарските директори, одговорни за пропаѓањето, ќе бидат повикани на одговорност.

Регулаторите ја затворија банката во петокот, откако штедачите побрзаа да ги повлечат своите средства.

„Во ред, што ќе правиме? Дали ќе ги оставиме таму, дали ќе ги извадиме парите? Решивме да ги извадиме“, рече Елиса Спурлин, од галеријата „Пибоди“.

Колапсот на банките испрати вознемиреност и несигурност во банкарската и технолошката индустрија. Дел пак, ја пофалија одлуката на Белата куќа да ги гарантира „сите депозити“, без разлика на износот.

„Бевме прилично загрижени за време на викендот. Цело време гледавме вести. Мислам дека овој пат владата реагираше навистина брзо“, изјави Сем Лианг, извршен директор на банка.

„Многу е важно што стабилноста е донесена не само на оваа банка, туку и на банкарскиот систем“, изјави Зои Лофгрен, конгресменка од Сан Хозе, Калифорнија.

„Банката на силиконската долина беше многу, многу популарна. Речиси половина од технолошките компании работеа со неа. Имаше огромно влијание“, вели сопственикот на ИТ фирма.

Пропаѓањето на банките во САД создаде страв од финансиска криза, слична на онаа од 2008-ма година.

Марина Ристова