АУКУС

Нов договор за нуклеарни подморници

14.03.2023 11:58

САД, Велика Британија и Австралија ја зајакнуваат соработката во рамките на безбедносниот пакт АУКУС. Според Кина, пактот им наштетува на мирот и стабилноста. Вашингтон тврди – напротив, целта е да се зајакне мирот во регионот...

САД, Велика Британија и Австралија ја зајакнуваат соработката во рамките на безбедносниот пакт АУКУС. Со флота од нуклеарни подморници ќе му се спротивставуваат на растечкото влијание на Кина во Индопацифичкиот регион.

„АУКУС има една доминантна цел: да ја зголеми стабилноста во Индопацификот и брзо да ја смени глобалната динамика. Првиот проект е на самиот почеток. Повеќе партнерства, поголем потенцијал, повеќе мир и безбедност му претстојат на регионот“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

„Во последните 18 месеци, предизвиците се зголемија. Руската незаконска инвазија во Украина, кинескиот развој, дестабилизациското однесување на Иран и Северна Кореја, сето тоа е закана за создавање на свет дефиниран од опасност, безредие и поделба“, нагласи Риши Сунак, премиер на Обединетото Кралство.

До почетокот на идната деценија, Австралија ќе ги надгради своите воени капацитети со најмалку три подморници од класата „Вирџинија“ од САД. Постои можност да купи и два дополнителни брода доколку биде потребно.

„Ново поглавје во односот со САД и Обединетото Кралство. Пријателство изградено врз заеднички вредности, нашата посветеност на демократијата и заедничката визија за мирна и просперитетна иднина. Договорот на АУКУС кој го потврдивме овде, во Сан Диего, е најголемата инвестиција во австралискиот одбранбен капацитет во историјата“, изјави Ентони Албанез, премиер на Австралија.

Според Кина, пактот им наштетува на мирот и стабилноста. Вашингтон тврди – напротив, целта е да се зајакне мирот во регионот, подморниците ќе бидат со нуклеарен погон, а не со нуклеарно оружје. Австралија смета дека новиот договор нема да ја загрози релацијата со Кина, која според нив, била подобрена во последните месеци.

„Ова е типичен менталитет на Студената војна којшто само ќе предизвика трка за вооружување, уништување на меѓународниот режим за неширење на нуклеарното оружје и регионалните мир и стабилност. Треба да се нагласи дека азиско-пацифичкиот регион е најдинамичниот во светот со најбрз раст што беше постигнато на тежок начин“, нагласи Ванг Венбин, портпарол на кинеското МНР.

Пактот АУКУС беше најавен во 2021 година. Договорот тежи 342 милијарди евра.

Маја С. Филдишев