МОН и ДИЦ следната недела ќе го разгледуваат барањето на матурантите
Министерството за образование и Државниот испитен центар следната недела ќе ги анализираат барањата на средношколците за олеснување на полагањето на државната матура. Шаќири без конкретен одговор дали е можно намалување на бројот на интерни испити. Матурантите в петок повторно излегуваат на протест пред Министерството за образование и наука...

Во наредната недела ќе се разгледува барањето на средношколците за намалување на материјалот за полагањето државната матура. Министерот за образование најави средба со Државниот испитен центар и тогаш ќе се знае што овозможува законот, бидејќи испитите се веќе закажани. Шаќири вели дека материјалот е веќе приспособен и ги содржи најважните информации од четиригодишното образование.
„Дел од материјалот што е доставен до средношколците е усогласен според тоа како е реализиран во претходната учебна година. Но, без разлика на тоа, јас сум отворен во наредниот период да имам уште еден состанок со Државниот испитен центар, како институција која ги подготвува сите фази за реализација на државната матура, за да го утврдиме начинот на којшто ќе се реализира тоа“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Средношколците за в петок повторно најавија протест, откако вчера незадоволството го искажаа пред Министерството за образование. Бараат од надлежните да се намали предметниот материјал, бидејќи во изминатите години загубиле од наставата поради ковид-пандемијата и дојавите за бомби. Барањата на учениците се легитимни, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Го поддржувам дијалогот и барањата што ги имаат од институциите. Сведоци сме дека голем дел од наставата се изгуби со дојавите за бомби, а Владата не најави никаков план ниту предлог како да се надомести наставата, каков ќе биде начинот на полагање матура. Треба да се полага матура, но сметам дека тоа треба да се прилагоди на актуелната состојба и да се излезе во пресрет на средношколците“, изјави Јован Јаулески, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Екстерните испити од државната матура се закажани на 27 мај и на 10 јуни. На 27 мај ќе се полага мајчин јазик, а на 10 јуни е изборниот предмет.
Андријана Ѓурческа
