Куманово: Случајот со агресивното куче ќе стигне до ОЈО
Случајот со агресивното куче кое нападна најмалку осум лица во Куманово ќе заврши во Основното јавно обвинителство и полицијата. Службите треба да утврдат кој е сопственикот, бидејќи анализите покажале дека кучето побегнало или е напуштено. Периодов ќе се спроведуваат и интензивни контроли во близина на училиштата и градинките...

Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово ќе бара Основното јавно обвинителство и полицијата да се вклучат во расчистување на случајот со агресивното куче, кое нападна неколку ученици и возрасни лица. Ќе се утврдува кој е сопственикот, откако анализите од ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“, покажале дека не се работи за куче скитник, туку истото побегнало или е напуштено, станува збор за расата „Азијат“, кое не е чипирано.
„Бараме да се изврши постапка на утврдување на сопственост за да се спречат вакви настани. Во последните два месеца немаме ваков случај и пријава за ваков вид случај, барањето го темелиме врз основа на тоа што се извршени сечење на уши и опаш со што укажува дека имало сопственик“, вели Бобан Бојковски, инспектор за животна средина при Општина Куманово.
Агресивното куче вчера во центарот на Куманово нападна тројца ученици од основно училиште, неколку средношколци и возрасни лица. Веднаш било заловено и сместено во прифатилиштето на „Тодор Велков“.
Според податоците на полицијата и болницата, осум лица побарале помош по нападот.
Општина Куманово годинава за заловување и третман на кучиња скитници ќе одвои над еден милион денари, во решавање на проблемот кој е и на ниво на земјава велат надлежните, мора да се вклучи и државата.
Елена Георгиевска
